Коцарев: Се радувам што на Филолошкиот факултет не постои идеја за укинување на катедрите за македонски јазик
Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, изјави денеска дека се радува што се покажале како неточни неговите тврдења дека се укинува Катедрата по македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје.
„Се радувам што на Филолошкиот факултет не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и книжевност. Посакувам во идните реорганизации на Факултетот, рамо до рамо со различните отсеци, секогаш да бидат вклучени и отсеците за македонски јазик и јужнословенски јазици и за македонска книжевност и јужнословенска книжевност. Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со една единствена цел, заедно и достоинствено да ја прославиме годината на Блаже Конески“, изјави, за Канал 5 академик Коцарев.
Тој претходно ја разбранува јавноста, а посебно универзитетските кругови, со тврдењето за укинување на Катедрата по македонски јазик.
Професорката на Филолошки факултет при УКИМ, Румена Бужаровска, ги искоментира како „брука“ изнесените тврдења во јавноста на претседателот на Македонската академија на науките и уметности, Љупчо Коцарев, кој наведе дека ќе се укинуваат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност.Група 16-мина професори, магистри и доценти од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици упати отворено писмо во кое наведува дека станува збор за целосни невистини и манипулации.
