Кобно македонско небо – Има ли недостатоци во процедурите?
Нова тешка авионска несреќа вчера попладне се случи во Северна Македонија, кога мал патнички авион со четворица се губи од радарот на контролата на летање кај Солунска глава. Според досегашната истрага урнатините на авионот како и телата на загинатите се лоцирани на надморска височина од 2200 метри. Сите четворица патници, од семејството Бошнакови од Бугарија се загинати. Станува збор за Георги Ангелов Бошнаков (1970), неговите две ќерки Гергана Бошнакова Георгиева (2005) и Билјана Бошнакова Георгиева (2000) и сопругата Калина Корнајева Цонева (1972).Авионот со германски регистрации бил во сопственост на Георги Бошнаков, а требало од Охрид да слета во Бугарија, но поради турбуленции пилотот побарал да го спушти авионот во Скопје.
Екипите за интервенција доцна синоќа не можеа да ја продолжат потрагата и да ги извлечат телата на загинатите, како и да извршат увид во остатоците од срушениот авион „цесна” П210Н поради лошите временски услови и тешко пристапниот терен.
Бројот на жртви и падови на воздухоплови покажуваат црни статистики за прелетите низ македонското небо, особено со спортските мали авиони. Според првичните впечатоци на експерти од авијацијата кои засега не можат да говорат со официјални податоци додека не се утврдат вистинските причини за несреќата, постојат одредени недоследности и недостатоци во процедурите за наведување на „цесните“ и слични авиони. Особено, проблематична е областа околу Солунска глава поради надморската височина од 2 до 3 илјади метри, каде често има неповолни временски услови, а со тоа и голема неизвесност. Затоа, експертите засега не сакаат да ги посочат пилотите како главни виновници за настанатата несреќа особено за тоа што платиле со својот живот. Воздухпловните власти ќе треба да дадат одговори дали има грешка во процедурите на земја, кои релации се проблематични и треба да се избегнуваат и дали е потребна измена во сегашната регулатива. Црниот биланс на загинати во цивилни авиони во поновата историја се искачи веќе на 14.
Ова е трета несреќа во последните 10 години, откако кај селото Кожле во општина Петровец се сруши исто така мал авион од типот „цесна“ во кој загинаа четворица италијански државјани и двајца патници со државјанство на Косово и Италија. На 6 септември 2016 во несреќата животот го загубија пилотот Франческо Монтањер (59) кој беше претседател на аматерскиот спортски аеро клуб Тревизо, Дарио Бастасиан (62), Лука Дале Муле (55), Ангело Калегари, Иларија Бертио (43) и бизнисменот Висар Бегај. Исто така и овој авион беше со германска регистрација.
Претходно пад на авион имаше и во 2008 година кај охридското село Лескоец. На 28 август 2008 година, авион од типот Цесна се урна во месноста Скребатно во близина на Охрид, а во несреќата загинаа пилотот и тројцата патници во авионот.
Х.С.