„КОАЛИЦИЈАТА СО ДУИ НИ Е НУЖНО ЗЛО, НО КАЖУВАМЕ ДЕКА СЕ МЕТАСТАЗИРАНИ“ - Таравари откри што мисли за следните избори
-Низ партиските тела ќе ги анализираме сите околности како е најдобро за нашата партија, рече Таравари во интевју за Сител.
На прашањето дали е во игра заеднички настап со актуелната владината коалиција, рече дека не исклучува ништо. Меѓутоа, смета дека АА би било најдобро да излезе сама на избори.
-Ние секој месец правиме анкети и ги земаме оние што ги прават СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. И релативно добро стоиме. Мислам дека првата опција, според мене, меѓутоа одлуката не зависи само од мене, најдобро би било сами да одиме, но не исклучувам сите можни опции за комбинации, рече Таравари.
Алијанса за Албанците, како што вели, со сите политички партии има коректни односи. -Јас не исклучувам соработка со ниту една политичка партија особено во македонскиот блок. Имаме коректни односи и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, рече Таравари.
За функционирањето со ДУИ во владината коалиција вели дека е „нужно зло“.
-Мора да се функционира и сега некако функционираме овој период до следните збори заедно со ДУИ и СДСМ. Меѓутоа, морам да кажам дека кога ние кажувавме дека ДУИ е метастазирано и инфилтрирано низ сите институции во Македонија и е сериозен проблем за државата, тогаш тоа беше некако маргинализирано како никој да не не сфаќаше сериозно. И сега кога слушам дебатни емисии низ сите телевизии одредени аналитичари го повторуваат тоа, рече Таравари.
Потврди дека е се уште на истиот став за ДУИ. -И да било перфектно многу е 20 години. Албанскиот политички блок има потреба за промени. Да и дадеме шанса на една друга партија барем еден мандат, а здраво е и за ДУИ да излезе во опозиција, рече тој.
Таравари истакна дека е задоволен од работата на министрите на Алијансата на Албанците. Поинакви сме и чисти, додава тој.
