КЛУЧ НА ВРАТА И ПЛУС ДА ПЛАТАТ ПАРИЧНИ КАЗНИ - директорот на Пазарен инспекторат посочи три маркети, една аптека и тројца увозници на овошје
Три маркети, една аптека и тројца од најголемите увозници на овошје и зеленчук, се наоѓаат меѓу вкупно осумте деловни субјекти, кои се соочуваат со затворање во траење од 15 дена поради непочитување на владините мерки за ограничување на маржите. Покрај привременото затворање, овие компании ќе бидат и парично казнети.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, денеска соопшти дека нивните контроли покажале дека некои од овие субјекти остварувале маржи и до 70 отсто, што значително ги надминува утврдените ограничувања.
„Инспекциите утврдија неправилности во работењето на осум правни субјекти, кај кои маржите достигнувале и до 70 отсто. Освен привремено затворање, овие субјекти ќе бидат санкционирани и со парични казни“, изјави директорот на Пазарен инспекторат на пресконференцијата.
Во периодот од 24 февруари до 6 март, Државниот пазарен инспекторат спровел вкупно 365 инспекции во малопродажните објекти и 64 во големопродажните, со што биле опфатени над илјада трговски субјекти. Притоа, биле констатирани 36 неправилности, а издадени се прекршочни платни налози во вкупен износ од 42.000 евра.
Фото: Принтскрин
