Економија, финансии, бизнис

Контакт

Клуч на извршителските канцеларии: Еве колку заработуваат

Клуч на извршителските канцеларии: Еве колку заработуваат

Македонските извршители денеска не ги отворија своите канцеларии. Протестираат против новиот Тарифник на Министерството за правда, според кој максималната награда што може да ја земе еден извршител, се намалува од 1.000 евра, на 300 евра.

Во јавноста од подамна постои голема огорченост од работењето на извршителите, поради висината на трошоците кои им ги наплатуваат на граѓаите.

А Фактор неодамна пишуваше дека кај топ 10-те извршители во земјава, нето приходите пред оданочување учествуваат од 30 до безобразни 79 отсто од бруто приходите. Ове топ 10 извршители беа избрани според критериумот остварени добивки. 

Според официјалните податоци кои на барање на Фактор бесплатно ги достави Централниот регистер, состојбата со таа услужна индустрија е следна:

- Лани извршителската индустрија вработувала 555 лица.
- Сите извршителски канцеларии заедно оствариле вкупен приход од 13,4 милиони евра.
- Расходите за нивното работење лани изнесуваат 8,4 милиони евра
- Нето приходот пред оданочување (добивката н.з.) односно извршителските награди на ниво на гранка изнесуваат 5 милиони евра!
-Просечната плата на вработен во извршителска канцеларија лани била 21.904 денари.

А кои се топ 10 извршители?

Гордан Станковиќ е скопски извршител со седиште во општина Центар. Лани тој бил „Царот“ на извршителите затоа што остварил нето приход пред оданочување од 169.400 евра. 

Неговиот конкурент од скопската општина Центар Крум Коцарев е втор на ранг листата според нето приходи пред оданочување. Неготата добивка пред даночење лани била 152.300 евра. А приходите од извршување биле 224.000 евра. 

И третиот најпрофитабилен извршител е од скопската општина Центар. Антончо Коштанов лани имал бруто приход од 317.400 евра, а остварил нето приход пред оданочување од 148.200 евра. 

И првата жена извршител на листата: Весна Деловска од општина Центар во Скопје. Лани приходите на нејзината канцеларија биле 250.600 евра, а нето приходот т.е. добивката пред оданочување е 147.300 евра. 

Петта на листата најдобри е струшката извршителка Гордана Џутеска. Нејзиниот бруто приход лани бил 339.000 евра, а нето приходот пред оданочување бил 144.300 евра. 

Уште една жена. Емилија Павловска извршителка од Штип. Нејзината канцеларија лани направила добивка пред оданочување од 133.710 евра, а бруто приходот изнесувал 224.200 евра.

Седми на листата ТОП 10 извршители е Христо Јованов од скопската општина Центар. Неговиот бруто приход лани изнесува 289.600 евра, а нето приходот пред оданочување е 112.900 евра. 

Кумановчанката Славица Крстевска е на осмо место според нето приходот пред оданочување кој изнесува 111.600 евра. 

Премтим Ќерими е уште еден кумановски извршител на ТОП листата. Неговиот бруто приход лани е 190.100 евра, а нето приходот пред оданочување изнесува 106.200 евра.

На листата ТОП 10 извршители е уште и скопскиот извршител Благоја Каламатиев од општина Центар. Неговата канцеларија лани имала бруто приход од 185.300 евра, а нето приходот изнесува 102.700 евра. 

Слично

Поврзани вести