Клиничкиот центар во Скопје ќе добие две монтажни катни гаражи со околу 500 нови паркинг места
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска најави отпочнување на процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар во Скопје, со цел трајно решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето во овој најголем здравствен комплекс во државата.
Како што информира Ѓорѓиевски, на координациски состанок одржан заедно со министерот за здравство Азир Алиу и стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, била утврдена динамиката и моделот за реализација на проектот. Со изградбата на гаражите ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места.
Проектот, кој ќе го реализира Град Скопје, треба значително да го олесни секојдневното функционирање на Клиничкиот центар, како за здравствените работници, така и за пациентите од целата држава. Воедно, се очекува подобра организација на сообраќајот, непречен пристап за итната медицинска помош и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот.
„Ова е конкретно, функционално и трајно решение со кое конечно се става крај на хаосот со паркирањето во и околу Клиничкиот центар“, порача Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи, додавајќи дека проектот е реализиран во координација и со поддршка од премиерот Христијан Мицкоски.
Градоначалникот нагласи дека изградбата на монтажните гаражи ќе се спроведе со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди, а најави и дека ова е само дел од поширокиот план за унапредување на функционалноста и инфраструктурата на градот.
