Клинч во Грција за тоа дали позната скултура од Атина да се размени со „Воинот на коњ“
Грчкиот скулптор Костас Вароцос за грчките медиуми изјави дека министерката за култура Мирсини Зорба му предложила да даде одобрение неговото познато дело „Дромеас“ од пред хотелот Хилтон во центарот на Атина да се пресели во Скопје а во спротивен правец да биде пренесен „Воинот на коњ“ од скопскиот плоштад.
Ова не му се допаднало на познатиот уметник чие дело познато како „тркачот“ со децение е одбележје на Атина, но потоа самата министерка ги демантираше овие информации.
Костас Вароцос за грчките медиуми изјави дека не се согласил со таквиот предлог и "што имал да каже, тоа и го рекол на самата министерка" пред неколку дена. Зорба му рекла дека идејата е добра и дека е во духот на Преспанскиот договор.
По препукувањето, Зорба категорично ја отфрли веста во медиумите.
"Не постои таква сугестија, ниту пак се случило таква дискусија. Нема основа за тоа ", рече таа и додеде дека за тоа одлучува градот Атина а не нејзиниот ресор.
На ова Вароцос возврати дека постоел таков разговор, но дека Зорба се повлекла по негативните реакции на јавноста.
"Јас не сум шизофрен. Ниту, пак, одеднаш се разбудив утрово и сум се сретнал со министерката за култура и сум дискутирал туку така за преместување на „тркачот“ на централниот плоштад во Скопје ", одговори скулпторот.
"Разбирам дека министерката е во тешка ситуација и се обидува да се прибере, негирајќи дека сум направил некој предлог. Но, тоа не е така. Мојот етос е познат и јас не би измислил ништо од мојот ум ".
