Клик Плус: Дали на ВМРО-ДПМНЕ му треба ребрендирање и како?
Што ќе презеде Христијан Мицкоски како нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ откако ги доби гласовите од делегатите на вонредниот Конгрес со тоа што беше единствен кандидат, може ли партијата да прикаже единство и јасен став околу тоа како да продолжи да дејствува понатаму, конструктивно или деструктивно. На овие прашање се дебатираше во емисијата Клик Плус на ТВ21.
Гоце Стојановски од Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ вели дека барале од највисокото раководство да се организира нов конгрес, со претходно формирање на координативно дело од сите асоцијации произлезени од партијата.
„Мицковски ќе биде инсталиран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ние побаравме од нив да се смени статутот, да се распушти Извршниот и Централниот комитет. Да направиме едно координативно тело од сите произлезени асоцијации од ВМРО-ДПМНЕ, да организираме нов демократски конгрес. Тогаш Мицковски може да се кандидира и ако мисли дека ќе ја добие поддршката од партијата, тогаш може да победи“, вели Стојановски.
Самоил Малчевски од Форумот на слободоумни патриоти, прва организирана група која се спротивстави на актуелното раководство на партијата, вели дека личниот интерес на поединци практично ја уништило ВМРО-ДПМНЕ.
„Интересот ја уништи самата партија. Тие луѓе кои што деновиве се појавуваат и јавно говорат дека конгресот се одржува во едни чудни околности најверојатно интересот не им се поклопува со оној на врхушката. Веќе гледаме дека имаме разделувања на неколку различни групации“, смета Малчески.
Ване Цветанов, поранешен член на Централниот комитет на партијата, се согласува со оваа констатација и вели дека кога бил директор на Управата за спречување на перење пари постојано посочувал дека се прави криминал од страна на луѓето кои се на врвот на партијата.
„Јас вриштев од 2008 до 2010 година, како директор на Управата за спречување на перење пари. Нема врата на која не сум тропнал, нема каде не сум посочил дека се случуваат сериозни криминали од страна на одредени луѓе од власта. Дури се обидував да посочам на самиот Никола Груевски, без да бидам свесен дека тој е на самиот врв на пирамидата“, додава Цветанов.
За аналитичарот Петар Арсовски, сега е вистинското време за ребрендирање на ВМРО-ДПМНЕ.
„Очигледна е потребата на ВМРО-ДПМНЕ за ребрендирање. Вие го велите тоа лечење на партијата, се согласувам. Вие го велите демократизација, вие велите раѓање на искрена идеологија. Суштински е потребно некое ребрендирање. ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа на една од најниските точки во својата историја“, коментира Арсовски.
Гостите во дебатниот магазин Клик Плус, освен тоа што се осврнаа на работата и учинокот на партијата за време на владеењето на Никола Груевски, порачаа дека доколку оваа партија во иднина сака да се врати на власт ќе мора да направи суштински внатрепартиски промени.
