„Клеопатра“ и Мијалкова се враќаат на репертоар
Балетскиот спектакл „Клеопатра“ ќе биде изведен утревечер и в сабота во 20 часот во Македонската опера и балет. Со овие две изведби македонската публика ќе има можност повторно да го проследи балетот во кој е претставен магичниот свет на Римската Империја и танците на антички Египет.
За „Клеопатра“ специјално компонираната музика е на авторката Нерија Голдберг од Литванија, кореограф е реномираниот Василиј Медведев од Русија, сценограф/костимограф Павол Јураш (Словачка), а либретото е на Јана Темиз од Турција.
Во главните улоги настапуваат Александра Мијалкова-Клеопатра, Васил Чичијашвили (Грузија) – Цезар, Бобан Ковачевски – Марко Антоние, Марија Кичевска Шокаровска – Октавија, Мими Поп Алексова Атанасовска – Змија, како и солисти, балетскиот ансамбл, оркестарот и хорот на МОБ. Диригент е Бисера Чадловска.
