Ќура: Изјавата на Мицкоски не ни ги наруши односите
Новиот градоначалник на Струга, Менди Ќура, вели дека не му се нарушени односите со Христијан Мицкоски, откако премиерот јавно го искара дека не ги поставил македонските знамиња заедно со албанските на празникот на албанската заедница, по што му следуваше и пријава.
По повеќе од еден месец од избор на градоначалник и речиси два од изборот на новиот Совет, во Струга не може да се консолидира локална власт. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја доведе во прашање поддршка за градоначалникот Менди Ќура, велејќи дека оставил прв „катастрофален впечаток“. Од друга страна, ниту една од партиите што влегоа во Советот нема и засега не може да обезбеди мнозинство поради што сè уште не е избран ниту претседател.
„Мислам дека ќе тоа не е некоја изјава што може да ги наруши односите. Ќе продолжиме да соработуваме затоа што на Општина Струга и требаат големи проекти кои се потребни за граѓаните“, вели Ќура за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Критиките кон него Мицкоски ги упати по прославата за Денот на албанското знаме на 28 ноември, а поради неистракнување на државното, македонското знаме, што е и законско обврска.
„Не заслужува поддршка… Имаше лош почеток, нема втора шанса за прв впечаток“, зборуваше Мицкоски на брифинг со новинарите на 4 декември посочувајќи и дека не е сигурен дека во иднина и советниците од ВМРО-ДПМНЕ ќе му даваат поддршка.
Владејачките ВМРО-ДПМНЕ со шест и ВРЕДИ со четири советници немаат мнозинство во Советот на општината.
