Ќучук: Убеден сум дека многу наскоро владите на Бугарија и на Македонија ќе му свртат грб на национализмот
Се прават напори за подобрување на македонско - бугарските односи.
Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук му рекол на специјалниот претставник на македонската Влада, Владо Бучковски дека, како постојан известувач на Европскиот парламент, ќе продолжи да работи за создавање план за соработка меѓу двете земји.
Тој ќе има конкретни цели и програма за надминување на отворените билатерални прашања, што ќе овозможи официјално да започнат преговори за пристапување во ЕУ, пренесува „24 часа“, известувајќи за денешната средба во Софија.
„Клучот за успешни добрососедски односи е да се изградат заеднички инфраструктурни, образовни и културни проекти што ги поврзуваат двете земји. Убеден сум дека многу наскоро владите на Бугарија и на Северна Македонија ќе му свртат грб на национализмот и ќе се ангажираат во конструктивни преговори, бидејќи ѕидовите немаат место во нашите односи“, рекол Ќучук.
Ќучук и Бучковски размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји. Според Ќучук, на Северна Македонија ѝ е потребна политичка стабилност и силна проевропска агенда што ќе обезбеди продолжување на процесот на евроинтеграција, пишува „24 часа“.
