„Ќосето“, „Мајка Тереза“ и „Воинот на коњ“-споменици чија судбина се наоѓа во раце на Владата
Владата ќе одлучува дали ќе се рушат спомениците на „Ќосето“, „Мајка Тереза“ и „Воинот на коњ“.
Имено, првите елаборати од Министерството за култура стигнале на адреса на Владата за споменици од „Скопје 2014“ .
Владата ќе го има последниот збор и ќе одлучи што понатаму со нив.
„Во овој момент работната група работи, дел од елаборатите се подготвени и ги разгледуваме надлежностите кои институции на локално или централно ниво треба да преземе, изјави министерот за култура Роберт Алаѓозовски, додавајќи дека процедурите се толку згрешени што е сложено и отплеткувањето кој е надлежен да преземе активности во однос на овие објекти поставени во главниот град“.
Алаѓозовски, кој денеска учествуваше на конференција за програмата на ЕУ „Креативна Европа“, рече дека културното наследство не само што не било соодветно третирано, туку било злоупотребено.
„Така што многу актуелни градби, како скулптуралната композиција која носи чуден наслов Мајка Тереза беше погрешно финансирана од програмата за културно наследство, иако таму нема никакво културно наследство. Исто така и спорните градби на Плаошник. Ние ќе го заштитиме вистинско културно наследство. Обезбедивме средства за Трескавец, обезбедивме за Офицерскиот дом, ќе обезбедиме средства и за нашето најзагрозено културно наследство. Во таа смисла, „Скопје 2014“ е проект кој нема да дозволиме понатаму да се одвива или да ни влече финансиски средства“, рече Алаѓозовски.
