Ќе заживее ли проектот „Народни кујни“?! Како сиромаштијата да ја залаже гладта?
“Сиромаштијата и гладта се редовни теми за кои секоја Влада од 1990 до денес само декларативно се залага. Состојбата е повеќе од алармантна и секако мора конечно да добие еден друг сериозен акцент и призвук кој мора да го чујат оние кои се задолжени да ги решаваат состојбите. Народните кујни, нивниот број и податоците за нивните корисници, не се реален показател за вистинската состојба на сиромашните луѓе во Македонија. На терен сликата е многу поинаква, посурова. Има многу гладни луѓе, кои неможат да си обезбедат ниту еден, а камоли три оброци во денот” - вели за Фактор, Душко Христов претседател на Здружението за поддршка и помош на социјално исклучените и сиромашни лица „Храна за сите – БХМ“.
Повеќе од шеснаесет години вели работат на проектот на прибирање на храна и подигнување на јавната свест за помош на социјално загрозените и сиромашни семејства. На овој начин вишокот храна од компаниите наместо на Дрисла ќе се донира во Банката за храна и ќе се доставува до најсиромашните. Само на територија на град Скопје повеќе од 2000 луѓе немаат што да јадат и се хранат едвај дав до три пати неделно. Од друга страна истражувањата покажуваат дека дури 3000 тони храна завршува на депонија.
“Тие што мораа или мораат да ги решат проблемите, имаат повеќе “овошје“ во нивните шампони за коса наспроти сиромашните кои немаат пари ни за една јаболка. Јас и моите волонтери во изминaтите 7-8 години влеговме во над 30.000 домови. Државата за жал има евиденција која не е повеќе од 70% точна и реална.Во Скопје има седум народни кујни но не се доволно за сите гладни и сиромашни да добијат оброк. А, ги има многу”- додава Христов.

Според него итно е потребна Национална стратегија за намалување на сиромаштијата. Идејата на Владата за активирање на народните кујни вели е добра но да се направи со темелна и суштинска анализа на состојбите, а не само како популистичка мерка.
“Стратегија има, стои на хартија, но битно е колку е имплементирана.Храната е најголем издаток за едно семејство од причина што храната е потребна секој ден и тоа барем 2 пати. Потребна е и нова акција за заживување на Народните кујни бидејќи од 41 на број , денес работат 7 од кои дел работат само во неделите како денови. Најавата на Владата за активирање на работата на народните кујни е добар чекор, ама мислам дека имаат грешен пристап и нејасна популистичка мерка како за пред избори. Како инфо, во тие Народни кујни регистрирани се 4100 лица, а само во Скопје има над 2000 луѓе кои имаат само два до три оброка неделно. Низ Македонија неофицијално како генерална слика нашите показатели кажуваат дека такви луѓе се над 70.000 или некаде над 20.000 семејства”- потенцира претседателот на “Банка за храна”.
Наспроти тоа, вели дека како општество фрламе храна колку да се нахрани цел град. А, тоа според Христов е храна која може да се стави во функција и да се спасат животи и пари кои се користат или ќе се користат во тие народни кујни.
“Ние како организација продолжуваме со нашите иницијативи, разговор со бизнис заедницата за и околу евентуален предлог на Закон за НЕ ФРЛАЊЕ ХРАНА. Закон за донации и спонзорства имаме, само треба негова измена во одредени делови. Веќе сме дел од една Балканска група организации и Институти како работни тела за унифицирање на еден таков предлог, а во блиска иднина вклучуваме и експерти од Италија, Франција и Белгија во нашите активности и во земјава и во Регионалната иницијатива во која Банката за храна Македонија е една од трите организации- иницијатори. Очекуваме да се направи предложениот систем за помош и поддршка на над 10.000 луѓе. Со тоа нема да ја искорениме сиромаштијата, ама има смисла да кажам дека на некој начи ќе ја ублажиме”- потенцира Душко Христов.
Преку разни социјални програми и директна помош – пред се во храна, од 2014 до 2020, секоја година ЕУ издвојува околу 2,5 милијарди евра за Федерацијата на Банките за храна од земјите членки на Унијата, а преку Националните банки за храна, таа помош стигнува директно до крајните корисници – гладните и неухранетите. Македонската банка за храна од декември 2011 е веќе и придружна членка на Европската Федерација на Банки за храна (ФЕБА), семејството од 247 Банки за храна, од 22 држави од Европа и пошироко.
Во метрополата функционираат седум народни кујни. Шест од нив се ставени во функција од страна на Министерството за труд и социјална политика, преку центрите за социјална работа, a една активно работи во црквата „Св. Петар и Павле“ во населбата Ѓорче Петров.
Владата неодамна на седница ја разгледа и усвои информацијата за прогрес на проектот „Отворање народни кујни“ за периодот јануари-јуни 2017 за да ја усвои информацијата со новиот текст на заклучоци со кои се задолжуваат неколку општини од земјава да обезбедат услови, простории за делење храна и транспорт за дистрибуција на храна во рамките на проектот „Отворање народни кујни“ и за тоа да го известат Министерството до однапред утврден временски рок. Исто така, се задолжи Министерството за труд и социјална политика да направи анализа на ефектот од функционирањето на народните кујни и во рок од 30 дена до Владата на Република Македонија да предложи модели за подобрување на функционирањето на проектот „Отворање народни кујни“.
С.Б.