„Ќе ве пријавам и јавно ќе ве објавам!“ – Лазаров со тешки обвинувања за нелегални абортуси
Докторот Ненад Лазаров објави сериозни обвинувања дека дел од приватните гинеколози во Македонија нелегално вршат медикаментозни абортуси и наплатуваат високи суми за лекови кои, како што тврди, не смеат ниту да ги поседуваат.
Во објава на социјалните мрежи, Лазаров истакна дека единствено место каде што легално се врши медикаментозен абортус е Клиниката за гинекологија, додавајќи дека секоја ваква услуга надвор од институцијата претставува незаконско постапување.
– Единствена институција каде се прави легален медикаментозен абортус е клиниката. Сè надвор од тоа е нелегално и криминално – посочи Лазаров, додавајќи дека ќе пријавува во полиција доколку добие информации за вакви случаи.
Тој тврди дека одредени лекари наплатуваат од 6.000 до 16.000 денари за лек кој, според него, чини значително помалку и не е регистриран за слободна употреба во приватни ординации.
По неговата објава, како што информираше, добил барање за извинување од здружение на приватни гинеколози, кои реагирале на неговите тврдења.
– Наместо да се дистанцираат од ваквите случаи, добив закани со тужба за нарушен углед – напиша Лазаров, нагласувајќи дека нема намера да се извини и дека ќе ги брани своите ставови и пред суд.
Тој потенцира дека проблематично е што услугите, според неговите наводи, се вршат без фискални сметки, без медицински извештаи и со нерегистрирани лекови, што отвора сомнежи за сериозни прекршувања на законските прописи.
Лазаров ги повика граѓаните да пријавуваат вакви случаи, најавувајќи дека ќе продолжи јавно да говори за, како што вели, незаконските практики во здравствениот систем.
Од здружението на приватни гинеколози засега нема официјална реакција во јавноста.
