ЌЕ ТРАЕ 30 ДЕНА: Владата прогласи кризна состојба поради пожарите
Прогласена е кризна состојба во Македонија поради зголемана појава на пожарите, во траење од 30 дена, информираше портпаролката на Владата, Марија Митева по завршувањето на седницата на Владата. Оваа одлука е донесена по денешните состаноци поради сложеноста на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина.
„Ова на терен значи се овозможува интегриран пристап и координирано дејстување на сите надлежни институции, Армијата, полицијата, противпожарната, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси, човечки, технички, логистички, со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението“, изјави Митева.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12:30 часот имаше десет пожари на отворен простор, од кои 9 се уште активни, меѓу кои и оној во Опшина Чучер-Сандево помеѓу селата Блаце и Чучер, каде два дена гори мешана шума и ниска вегетација и кој утринава е ставен под контрола.
Директорот на дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов денеска изјави дека имало обид намерно повторно да се реактивира пожарот кај Чучер-Сандево, зашто додека пожарникарите го догасувале пожарот нашле фрлени дрвени палети премачкани со бензин.
