Уште еден кредит од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка
Во финална фаза се разговорите за повлекување на нова линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ), информираше денеска премиерот Никола Груевски. Според најавите, таа до нова година ќе им биде на располагање на македонските фирми.
Владата, посочи тој, досега искористила 71 милион, од достапните 100 милиони евра од последната, четврта транша, во тек се повлекуваат уште осум милиони евра, додека останатите дваесет ќе се искористат до крајот на годината.
Според Груевски, кредитната линија од 100 милиони евра којашто во моментов се користи е главен извор на финансирање за кредити за сите фирми во Македонија. 99 отсто од кредитите што ги даваат банките се од оваа кредитна линија, додаде тој, чијашто камата изнесува 5,5 отсто и е субвенционирана.
„И да нема некој сериозен застој при завршувањето на сегашните средства и повлекувањето на новите евтини средства, коишто во овие тешки времиња на светска економска криза, европска должничка криза, кога вообичаено каматите растат затоа што растат и ризиците, практично е на некој начин едно давање можност на македонските фирми по многу ниски камати. За наши услови 5,5 отсто е прилично ниска камата и никаде ја нема во земјата освен преку оваа кредитна линија", смета премиерот.
Слично
