ЌЕ СЕ УТВРДУВА БЕЗБЕДНОСТА НА НИКОТИНСКИТЕ ВРЕЌИЧКИ - Владата издаде наредба до повеќе институции
Министерството за здравство треба да изработи анализа со којашто ќе се утврди дали никотинските вреќички се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во државава или при евентуално одобрување на пазарот треба да се стави забрана за продажба на лица помлади од 18 години.
Такво задолжение Министерството за здравство добило од Владата која на синоќешната седница разгледала и усвоила Информацијата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за законски основ за никотински вреќички.
- Задолженија, во врска со Информацијата, има до повеќе надлежни органи и институции, меѓу кои првенствено до Министерството за здравство. Ова министерство треба да изработи анализа со којашто ќе се утврди дали никотинските вреќички се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во Република Северна Македонија, или при евентуално одобрување на пазарот треба да се стави забрана за продажба на лица помлади од 18 години - наведува во соопштение владината прес-служба.
