Ќе се спречи ли ново „Големо уво“?
Владата на вчерашната седница донесе одлуки за започнување на процесот на реформи во тајните служби особено во делот на прислушкувањето и следењето на комуникациите, што е особено важно бидејќи во изминатите години избија неколку големи афери на прислушкување мотивирано од партиски и политички причини.
На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од формирање на Меѓуресорска работна група за изготвување и следење на имплементацијата на Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите.
Со цел да се обезбеди инклузивност на сите релевантни чинители кои се вклучени во постапката за следење на комуникациите, но и на собраниските тела за нивниот надзор и контрола, владата донесе одлука меѓуресорската работна група да биде составена од претставници од овластените органи за следење на комуникациите, како што се одделни министерства, Јавното обвинителство, судските органи надлежни за донесување на наредба за следење на комуникациите за интересите на безбедноста и одбраната на државата, од претставник од Дирекцијата за заштита на личните податоци и од претставник од собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, како и од други управи во надлежност на владата.
Со цел вклучување и на научната јавност во конципирањето на идните чекори во спроведување на оваа сеопфатна реформа на законскиот и институционалниот систем за следење на комункациите, предвидена и во Планот 3-6-9, се предлага во сите постапки преземени од меѓуресорската работна група да учествуваат и претставници од научната и стручната јавност-експерти од областа на кривичната постапка, Народниот правобранител, како и претставници на граѓански организации од оваа област и од областа на човековите права,велат од Владата.
Реформата на тајните служби е еден од најголемите приоритети кој беше нотиран и во извештајот на Прибе како и повеќе меѓународни организации со цел да се овозможи вистинско функционирање на демократските институции, заштита на приватноста и правата на слободна комуникации за политички и општествени цели. Една од насоките и зголемен надзор врз тајните служби во кои е концентрирана моќта за извршување на специјални задачи, следење и прислушкување за нема нивна злоупотреба како што на повеќе наврати се покажа во минатото.
