Ќе се соочат со гневот на народот ако нема избори на 12 април, порача Мицкоски
Ако нема избори на 12 април, СДСМ ќе се соочи со гневот на народот. Оваа порака ја испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју на ТВ Клан, откако беше прашан дали опозицијата има план Б, доколку нема избори во договорениот термин. Затоа тој очекува дека ќе се одржат избори на 12 април идната година. „Ќе се соочат со гневот на народот и гневот на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ќе очекуваме да биде сценариото А“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека некаде околу триста закони Заев сака да ги помине во рамките на парламентот за фантастични две-три седници, и тоа да му биде услов и причина дека опозицијата го кочела.
„Тоа се штетни закони. Сето она коешто е корисно за граѓаните, каде што ВМРО-ДПМНЕ како опозиција учествувала, ги усогласила позициите со оние на Владата и додала вредност, ние ќе ги подржиме, но не можете да манифестирате парламентарно насилие“, порача Мицкоски.
Мицкоски вели дека предлог законот за одбрана опозицијата ќе го поддржи ако го тргнат членот за преименување на Армијата, затоа што тој член нема врска ниту со Преспанскиот договор, ниту со потребите Македонија да биде членка на НАТО.
„Ние нема да бидеме дел од креирање на нова погрешна реалност, никаде во договорот не се бара преименување на Армијата. Ние такви закони со институционално насиле нема да подржиме“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
А вчера СДСМ и ВМРО ДПМНЕ постигнаа договор дека денеска на собраниска седница ќе бидат изгласани 40-тина закони од областа на здравството, социјалата и финансиите. Во сабота, пак, лидерите Заев и Мицкоски треба да ја договорат техничката Влада. Доколку опозициската партија го исполни својот дел од договорот со поддршка на овие закони, централниот одбор на владејачката партија денеска вечер ќе одлучи кој ќе биде технички премиер, за што изгледите се најмногу за министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пак, вчера рече дека ќе закаже седница за избор на Влада штом ќе ја добие оставката од премиерот Заев, како и предлогот со новите министри од идниот мандатар.
