„Ќе се роди Никола – дел од татко ми ќе живее повторно“: Костадин Костадинов за Женски магазин
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, сподели радосна вест со јавноста – наскоро ќе стане татко на машко дете, кое ќе го носи името Никола. Емотивната објава на социјалните мрежи предизвика големо внимание и честитки од пријателите и следбениците.
Во изјавата за Женски магазин, Костадинов откри дека веста за бременоста ја дознале пред неколку месеци, во момент исполнет со измешани емоции – радост, возбуда, но и одговорност.
- Тоа беше најубавиот момент во мојот живот. Чувствата сè уште ми се измешани, но од позитивен аспект – чувство на небесна љубов и огромна одговорност за улогата како родител што ни следува – вели Костадинов.

Тој додава дека веста има и длабока лична димензија за него и неговото семејство, особено поради загубата на неговиот татко.
- Како млад човек кој го изгубил таткото, раѓањето на мало човечко суштество кое ќе го носи неговото име, на некој начин ќе го воскресне човекот кој ме создал и одгледал. За сите нас тоа носи посебни емоции – радост, тага, но и гордост – истакна тој за нашиот медиум, откривајќи ни дека приновата во семејството треба да пристигне кон крајот на август, почетокот на септември.
Во својот Фејсбук статус, Костадинов дополнително ја сподели својата среќа, нагласувајќи дека токму родителството е најголемото достигнување во животот.
- Најголемиот успех не е титула, не е позиција, не е постигнување. Најголемиот успех е да станеш родител. Да станеш татко. Со срце полно љубов и душа исполнета со благодарност, го очекуваме нашето најголемо богатство – нашиот Никола – напиша тој.
Веста за приновата беше пречекана со бројни честитки, а идните родители веќе со нетрпение го очекуваат својот „нов почеток“.
РЖМ/Ирена Ставрова
