ЌЕ СЕ РАЗГЛЕДУВА ПРЕТСТАВКА ОД РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ: Апасиев најави посебна седница на која ќе се разгледуваат наводи поврзани со пожарот во „Пулс“
Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев најави посебна седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, а со цел да се разгледа претставка од родителите на загинатите во „Пулс“.
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16-ти Март“ на РОДИТЕЛИТЕ ОД КОЧАНИ, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани со страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, најави Апасиев.
Претходно до неговата партија беше побарана и Анкетна комисија во Собранието која ја поддржаа од СДСМ, но не и од ВМРО-ДПМНЕ - премиерот Христијан Мицкоски рече дека сите наводи околу пожарот ќе биле познати преку судењето.
