Ќе се протестира пред Собрание против Законот за јазиците
Денес во 12 часот ќе се одржи протест пред Собранието на Република Македонија против носењето на Законот за употреба на јазиците кој откако доби вето од претседателот на државата Иванов треба по втор пат да биде ставен на гласање.
Собранискиот спикер Талат Џафери најави дека поднесените 35 илјади амандмани од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да бидат разгледани бидејќи нема правна основа, односно законот веќе е поминат во сите процедури на расправа и сега треба само да се прегласа.
Со ова не се согласува ВМРО-ДПМНЕ која најави дека се можни блокади на Собранието ако не биде испочитувана нивната политичка волја да не се носи законот во кој има многу правни и уставни недоследности и бараат законското решение за употреба на јазиците да се подобри.
Засега протестот кој се најавува напладне нема официјални организатори, туку се вршат повици за излегување пред Собрание преку социјалните мрежи.
