Ќе се прошири истрагата за „Странски служби“, најави Јанева
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева најави дека истрагата за случајот „Странски служби“ ќе се прошири.
Таа одби да открие дали МВР опремата ја набавило од компанија од Израел, затоа што станува збор за класифицирана информација.
„Јас лично бев изненадена од снимките во медиумите, а секоја изјава е добредојдена“ - рече денеска Јанева.
Во оваа истрага има двајца осомничени.
Според истрагата, во 2014 година во октомври и ноември по барање на еден од осомничените, кој тогаш бил началник на Одделот за оперативна техника во УБК, странска компанија изготвила извештај во кој било наведено дека на подрачјето на град Скопје, со своја опрема детектирале нелегални активности поврзани со дупли базни станици.
Ваквиот извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното незаконско прислушување го извршиле странски служби. Интерес за овој извештај имала и странската компанија, рече обвинителката Фатиме Фетаи.
Во декември 2014 година, месец по изготвувањето на извештајот, компанијата надвор од законот за јавни набавки, преку дејствијата на двајцата осомничени, го добила тендерот за набавка на опрема за потребите на МВР.
Постапката по оваа јавна набавка е по иницијатива на вториот осомничен, началникот, кој побарал да се спроведе набавка, а второ осомничениот донел одлука и формирал комисија за спроведување на јавната набавка. За пет дена била средина целата работа.
Опремата била донесена во мај 2015 година и тогаш е инсталирана.
