ЌЕ СЕ ПРОДОЛЖИ РОКОТ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ ЗА ФИНАНСИСКА ПОМОШ: вработените од Агенција за странски инвестиции преминуваат под Министерство за економија
Во Собранието на Македонија се доставени предлог измени и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кои треба да го продолжат рокот за аплицирање за финансиска помош, но и да овозможат и производителите на вино да бидат опфатени со овој тип поддршка.
Предлагачи на измените се претставници на владејачката коалиција, однсоно Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска, Лидија Петкоска, и според изнесеното во законоското решение, се очекува со овој потег да се зајакне поддршката за деловните субјекти кои вложуваат во земјата, со цел поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и поддршка на вработувањата.
Според предлог законот, со измените ќе се овозможи препознавање на продуктивните почетни инвестиции направени од почетокот на годината, вклучување на производителите на вино од грозје како корисници на финансиска поддршка.
- Се дава право и на производителите на вино од грозје да бидат корисници на финансиска поддршка која се доделува преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции - се посочува во законот.
Водено со измените ќе се продолжи рокот за поднесување на барањата за доделување финансиска поддршка за тековната 2026 година до 15 јуни.
- За доделување на финансиска поддршка на инвестиции согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции деловните субјекти во 2026 година поднесуваат барање за доделување на финансиска поддршка на инвестиции, најдоцна до 15 јуни 2026 година - се посочува во новото законско решение.
Имено според досегашните одредби, вакво барање требало да биде поднесено најдоцна до 31 јануари 2026 година.
Со овие законски измени исто така се планира и трансфер на вработените од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Генералниот секретаријат на Владата во Министерството за економија и труд, со цел непречена примена на законските измени.
- Вработените во Aгенција за странски инвестиции и промоција на извозот до денот на влегувањето во сила на овој закон, а кои до 31.12.2025 година врз основа на решение или задолжение ги вршеле работите што се однесуваат на постапките за доделување на финансиска поддршка на инвестициите и постапките за исплата на финансиска поддршка на деловните субјекти кои инвестираат во Република Северна Македонија се преземаат во Министерство за економија и труд во рок од два месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно актите за систематизација и организација на работните места во Министерството за економија и труд.
Опремата, инвентарот, средствата за работа и другите средства кои ги користеле вработените се преземаат во Министерството за економија и труд во рок од два месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон - се појаснува во предлог законот доставен во Собранието.
Министерството за економија и труд ќе биде надлежно за прием и обработка на сите барања за финансиска поддршка, како и за преземање на документацијата од претходните институции, во рок од една година од влегувањето во сила на законот.
Овој закон се очекува да го поедностави процесот на финансирање на инвестициите и да обезбеди подобра координација и ефикасност во доделувањето на финансиската поддршка, обезбедувајќи стабилност и предвидливост за инвеститорите.
