Ќе се покрене ли постапка за екстрадиција на Груевски?
Министерството за правда ќе чека официјално известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека осудениот пратеник и поранешен премиер, Никола Груевски е во бегство, па дури потоа ќе може да покрене постапка за екстрадиција. Груевски попладнево на Фејсбук напиша дека се наоѓа во Будимпешта и дека побарал политички азил од тамошните власти.
„Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, пишува на Фејсбук.
Полицијата од синоќа не може да го лоцира Груевски да го спроведе во затворот во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО.
