Ќе се отвори дебата за геј бракови, според Заев треба секој да се почитува
Експертите треба да ја отворат дебатата за легализација на геј браковите, но засега владата на премиерот Зоран Заев не зазема конкретен став што самата ќе преземе по ова прашање кое се наметна во Собранието откако пратеникот Манојлоски од ДУИ рече дека и хомосексуалците треба да имаат еднакви права слично како во напредните земји.
На новинарско прашање кој е ставот на премиерот Заев за хомосексуалните бракови и кога очекува ова прашање да се најде на дневен ред во Собранието, тој рече дека нивниот став како влада, но и како политичка партија е почитување на различностите и градење на еднакво општество.
„Сакаме да ја слушнеме дебата по сите по сите проблеми и можни решенија на самите проблеми. Нашиот став како влада, но и како политички партии, е почитување на различностите и градење на еднакво општество за сите и остануваме на тие ставови и дополнително мотивирани за изнаоѓање на решенија. Владата не е најстручна по ова прашање, ги повикуваме стручните луѓе, експертите да ни презентираат меѓународни искуства, да отворат дебата во јавност, да ја слушнеме нашата јавност и согласно тоа да одиме со процедурите за изнаоѓање на решенија за ова прашање“.
Претходно ЛГБТ заедницата се крена против пратеникот и потпретседател на СДСМ Мухамед Зекири кој цитирајќи делови од Куранот посочи дека е против геј браковите. Исто така пратеници на БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ од опозицијата сметаат дека Македонија е традиционална земја и нема потреба се што се случува на Запад да се презема.
