Ќе се „огреат“ ли исклучените од парно по средбата со Заев?
“Бараме правда, очекуваме правда и конечно да заврши голготата која со години ја минуваат илјадници семејства кои иако исклучени од системот за парно плаќаат услуга која не ја користат” - велат членовите на граѓанското здружение Но пасаран. Тронка надеж велат им дала средбата со премиерот Зоран Заев и ветувањето дека конечно ќе се реши овој горлив проблем.
Неколкумина од граѓаните предвреме ја изгубија битката. Другите велат се под секојдневни стресови, финансиски проблеми, притисоци, закани. Но не се откажуваат од намерата до крај да ја истераат правдата.
Граѓаните кои две години правдата ја бараат на улица потсетуваат дека се работи за нивните судбини и животи и затоа бараат поништување на незаконските одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија на Регулаторна Комисија за Енергетика и изработка на нови Правила за снабдување согласно Закон.
“Потребно е поништување на Правилата, а не укинување, за да можат индивидуално оштетените граѓани да си ги повратат изрекетираните пари од БЕГ преку нови судски постапки. Овој пат граѓаните би биле тужители. Во Правилата за снабдување се повредени неколку Закони и Устав на РМ, а и се негираат основните физички закони на термодинамиката. На овој Правилник се повикуваат режимските сваровски судии во своите Решенија против граѓаните, како и Уставните судии кога во 2012 ја одбија Претставката од граѓаните. Наше мислење е да се направи вештачење околу тврдењата на РКЕ дека “Исклучените само се догреваат до бараната температура“- потенцира Марјан Ненов од “Но пасаран”.
Во дел од нивните барања кои неколкупати досега ги доставиле до надлежните потенцираат дека мора да се поништи правилникот кој ги обврзува да го плаќаат паушалот, да има итна промена на Законот за Енергетика во кој стриктно ќе стои дека исклучените од Топлификација не треба да плаќаат. Потоа бараат воведување граѓанска контрола врз работата на Регулаторна Комисија за Енергетика, формирање на правен тим за ревизија и исправка на сите нерегуларности и обештетување на граѓаните за сите незаконито изречени судски пресуди.
Извршителите според граѓаните треба да се вратат под ингеренции на судот, да се намалат давачките за извршување, да нема селективно извршување и кривично да одговараат оние кои работеле спротивно на законот.
“Да има одземање на имот и незаконито стекнати средства од сите одговорни лица во правните субјекти и државните институции кои ја злоупотребиле својата службена положба како и забрана за нивно дејствување. За да им биде појасно на судиите и нотарите битно е овој Закон да се измени. Трошоците за судската и извршната постапка заедно несмеат да го надминат тужбеното побарување – долгот”- додава Ненов.
Тие бараат поништување на Тарифниот систем за снабдување со топлинска енергија на Регулаторна Комисија за Енергетика и изработка на нов врз основа на стручни и научни постулати.
“Со вештачењето од универзитетскиот професор Мимоза Ристова на катедрата за физика, докажавме дека формулите за пресметка на потрошена топлинска енергија се неточни и рекурентни (одредени величини се состојат сами во себе). Ова е недопустливо за регулаторно тело кое одбива да каже според кои и чии експертизи се заснова Тарифникот. Поради ова пресметките на вклучените и исклучените од системот за централно греење се грешни, односно наплатено им е повеќе од потребното, додека на исклучените од истиот систем неосновано им се фактурира и наплатува по судски пат, спротивно на Устав и Закон, заедно со сите други трошоци астрономски суми и по 10-тина пати поголем износ од незаконското задолжување”- додава Ненов.
Граѓаните услугата од поранешна Топлификација ја откажале бидејки не биле задоволни од топлината која ја добиваат , а и цената велат била превисока. Поднесоа и групна жалба поради злоупотреба на нивните лични податоци со кои располага енергетската компанија и ги користи за повеќекратно да ги тужи исклучените.
Во меѓувреме очекуваат засилен притисок за извлекување на парите од граѓаните преку убрзување на тековните постапки во судовите со нова серија тужби и преку забрзано извршување на целата постапка. Според нивно многу е важно сите решенија и законски измени да бидат квалитетно направени за да не се појават и понатаму недоречености и законски дупки кои можат да го вратат процесот наназад.
“Во претходните 10 години Топлификација има поднесено околу 70.000 тужби против граѓани. Годишната бројка на тужби за БЕГ иснесува околу 10.000 и заедно со Топлификација АД имаат преку 100.000 тужби во Основен суд 2 и Апелација. Илјадници граѓани сеуште се во активни судски спорови со овие две компании и се под судот на режимските судии. Ова претставува систем на должничко ропство наметнат врз чесните граѓани. Затоа бараме итно сопирање на сите судски процеси против граѓаните од Топлификација и БЕГ”- објаснува Ненов.
Од граѓанското здружение очекуваат да се покрене сеопфатна истрага во Основно Јавно Обвинителство против сите чинители во како што велат организираниот криминал со парното и повикување на нивна одговорност.
На крај од 2015 година 4 парламентарни партии (СДСМ, ЛДП, ДОМ и ДС) поведоа иницијатива за промена на Законот за енергетика во кој стриктно ќе стои дека исклучените од Топлификација немаат никаква законска основа да плаќаат. На ова тогаш се спротистави мнозинството од ДПМНЕ и ДУИ.
С.Б.