Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЌЕ СЕ НАЈДЕ ЛИ РЕШЕНИЕ: За трговските марки треба да одлучува бизнисот

ЌЕ СЕ НАЈДЕ ЛИ РЕШЕНИЕ: За трговските марки треба да одлучува бизнисот

Бизнисот ќе одлучува за трговските марки, кои предизвикаа бранувања меѓу земјава и Грција. Односно, од деловните заедници во двете држави ќе зависи како и кога ќе се реши употребата на името „Македонија“  за комерцијална употреба т.е. во трговските марки и заштитни знаци. Меѓународната експертска група, пак, ќе им помага со насоки, во смисла дали излегуваат или се во рамки на меѓународното право.

Ѓорѓи Филипов, шеф на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, смета дека на овој начин ќе се движи решавањето на проблемот кој се покрена во јавноста откако грчкиот премиер минатиот месец ја промовира „Macedonia GReat“ како трговска марка под која ќе се продаваат во светот грчките производи со потекло од областа Македонија.

„Прашањето околу трговските марки предизвика можеби многу повеќе политички интерес, а нема потреба од тоа, бидејќи точно се работи за деловен проблем, што треба да заврши со договор. Крајната цел е да нема конфузија меѓу потрошувачите дали купуваат од Грција или од Северна Македонија“, кажа Филипов кој вчера на оваа тема дебатираше со претставниците на Стопанската комора.

Тој смета дека дел од стопанствениците немаат доволно познавања за ова и не го сметаат за прашање од нивен домен.

„Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво“, пишува во Преспанскиот договор.

Експертската група има рок од три години да најде решение за трговските марки. Тие досега разгледувале некои предлози, но не конкретно за трговски марки, како што објасни Филипов, туку само за пристапот на решавање на прашањето. 

Во Македонија се регистрирани 3.200 компании кои го користат името „Македонија“, но ниту една од нив не е регистрирана во ЕУ. Во Грција компании кои го користата името „Македонија“ има 3.500, од кои 17 се регистрирани во ЕУ. 

На 15 ноември, грчкиот премиер Константин Мицотакис присуствуваше на презентацијата на слоганот „Macedonia the GReat“, со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М“ како ознака, испишани со бело- сина позадина. Досега не постои ваква пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија (фирма) во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост (EUIPO) или на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) (Маридски договор или Мадридски протокол), вели Филипов.

Доколку биде пријавен како трговска марка, за тоа ќе се изјасни соодветниот завод пред кого ќе се бара признавање.


Слично

Поврзани вести