Ќе се казнуваат загадувачите на воздухот во Струмица
Општинските инспектори на Струмица ги засилија контролите над фирмите кои се осомничени дека го загадуваат воздухот во градо со користење на недозволени енергенси за огрев кои придонесувале за зголемување на аерозагадувањето и против нив се поведени управни постапки.
„Овластените инспектори, согласно нивните надлежности од законот на животна средина и закон за управување со отпадот, како и законот за јавна чистота, спроведува повече инспекциски контроли, при што кај неколку субјекти се констатирани неправилности при користење на недозволени енергенси за огрев кое придонесува за зголемено аерозагадување и загрозување на животната средина. Согласно споменатите закони, против овие субјекти се поведени управно инспекциски постапки“ вели Александар Оџаков секретар на општината за ТВ 24.
Од општината не конкретизираа кои фирми загадувале но посочија дека инспекциските контроли ќе продолжат и следната недела. Освен правните субјекти ќе се контролирале и домаќинствата кои се под сомневање дека користат иверица за загревање.
„Треба да има инспекциски надзор во индустријата, бидејќи вакви амплитуди во град каде нема индустрии е нелогично. Греење има и во другите градови, па нема загадување“ посочи Горги Танушев од здружението Здрава Котлина.
За време на Божик, Струмица според мерната станица на министерството за животна средина поставена во струмичката болница беше најзагаден град. Беа измерени концентрации 15 пати повеќе од дозволеното. Од министерството информираа дека станицата се тестирала и резултатите не биле веродостојни.
