Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе се бришат камати на долгови за вода, пазари, станбени прашања...?

Ќе се бришат камати на долгови за вода, пазари, станбени прашања...?

Премиерот Зоран Заев вчера од собраниска говорница ги повика пратениците да ги поддржат законските решенија за бришење на каматите на долговите што ги имаат граѓаните кон јавните претпријатија, институции и органи. Тој се надева дека тие решенија би можеле да бидат испратени во парламентот на усвојување.  

„Работиме на законски решенија што верувам дека ќе успееме до утре да ги заокружиме, за да можеме да ги објавиме. Во сабота се надевам дека Владата ќе ги прифати. И однапред замолувам до Парламентот, со будно око да ги усвои законските решенија“ порача премиерот Заев.

А тие, како што рече, ќе се однесуваат на бришење на каматите на граѓаните по долговите и другите трошоци што ги имаат, кај сите јавни институции, јавни претпријатија институции, државни институции и установи, органи... Се работи за трошоци, обврски, што граѓаните ги имаат за вода, за смет, за канализација, пазари, за вода по полињата, за станбени прашања, здравствени услуги...

„Целта е на овие законски решенија е да ги избришеме каматите до крај и да им дадеме на граѓаните на рати да си го платат само главниот долг“, нагласи премиерот.

Тој верува дека голем дел од граѓаните сакаат да си го платат главниот долг, но каматите што често се поголеми од главниот долг и сите трошоци внатре, и да сакаат, немаат од каде да го направат тоа.

„Ќе им скинеме на граѓаните едно големо бреме, тоа е иницијатива којашто доаѓа од вас, ние го формиравме во форма на закон, утре, би требало да го објавиме во детали и Владата ќе го пушти до Парламентот. Апелирам до сите, се работи за сите граѓани, за сите граѓани подеднакво ќе важи“, додаде премиерот Заев.

Откри и дека во предлог решенијата се дава препорака и до приватните компании, за вакви репрограмирања. За потегот рече дека е зборувано со сите страни, доверителите и разни експерти и дека тој ќе ја релаксира состојбата кај граѓаните од социјален аспект.

„Со самиот закон, на денот на донесување на законот стапува на сила самиот закон и извршните постапки прекинуваат во истиот момент“, додаде премиерот Заев.  

Соопшти и дека се разработува варијанта и за долгови на граѓани кон извршителите.

„Сето ова ќе биде од огромна помош за граѓаните“, порача до пратениците на собраниската седница за пратенички прашања.


Слично

Поврзани вести