ЌЕ СЕ БАРА СМЕНА НА АРТАН ГРУБИ, НЕ Е САМО ФОРМАЛНА СРЕДБА: Најави „огнената група“ на ДУИ
Првата конститутивна седница на новоизбраното
претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) почна околу 15
часот откако ова партиско тело со 37 членови беше избрано на 15 октомври.
Како што најави партискиот портпарол Бујар Османи, на оваа средба ќе има активности за избор на други тела на партијата, но и ќе се оценува работата на партиските членови кои се функционери во извршната власт.
Дел од партиските функционери, како и дел од т.н. Огнена група, пред почетокот на средбата дадоа кратки изјави за медиумите.
Изет Меџити, кој е дел од Огнената група, очекува вистинска дебата и најави дека ќе бараат смена на Артан Груби.
– Ќе згреши било кој што мисли дека ќе има само формална дебата. Мислам дека ова е Демократската унија за интеграција каде што секогаш има жестоки дебати во функција да се исправиме самите ние, пред да не поправи народот. Поради неефикасност, нереализирање на програмата, ќе бараме смена на господинот Груби, рече Меџити.
Груби, пак, во кратката изјава за медиумите го прокоментира
денешниот ден како прекрасен и за ДУИ и за сите граѓани.
–Сончев и убав прекрасен ден, прекрасен ден и за ДУИ и за сите граѓани. Колку
што ќе трае, толку, рече Груби.
Реорганизацијата на партијата почна откако во септември т.н. Огнена група побара реформи во ДУИ. По неколку средби на претседателот Али Ахмети со ограноците се одржа Централен совет на кој се избра новото претседателство.
ФОТО: Фејсбук