Ќе попушти ли ВМРО-ДПМНЕ за внатрешни - Спасовски тоа го очекува од нив
Идниот технички премиер, а сега министер за внатрешни работи во заминување, Оливер Спасовски, верува дека опозицијата ќе предложи нов кандидат кој ќе го раководи МВР.
Тој потврдно одговори на новинарско прашање дали очекува нов предлог од опозицијата.
„Мислам дека тоа ќе го направат и заеднички ќе влеземе во таа преодна влада која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите. Подготвени да продолжиме со таква динамика и со посветеност да работиме за граѓаните во предизборниот период, затоа што Македонија не смее да си дозволи да се стопираат проектите и да има застој во реформите. Напротив треба енергично, цврсто да газиме напред заради граѓаните и иднината на Република Северна Македонија“, рече Спасовски.
Прашан дали можеби ќе се прифати сегашниот предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи, Драган Ковачки, Спасовски порача дека мора да се почитува Уставот.
„Ставот дека мора да се почитува Устав е став што не може да биде променет и тоа треба да го почитуваат сите. Владата ќе функционира од моментот кога ќе биде избрана, а тоа треба да се случи на 3 јануари, затоа што изборите ќе бидат на 12 април“, рече Спасовски.
А од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера за Фактор изјавија дека останува на својот став дека Драган Ковачки е најдоброто решение за технички министер за внатрешни работи во новата преодна Влада која треба да почне да функционира од трети јануари.
Тие сметаат дека толкувањето на Уставот од страна на СДСМ, партијата го прави парцијално, а не го гледа членот 23 од Уставот.
„СДСМ сака да избега од изборите и се плаши од професионализмот. Ние им порачуваме дека кога го толкуваат Уставот, да не го гледаат само парцијално, туку да го погледнат и членот 23 од Уставот“, велат за Фактор од најголемата опозициска партија.
А во членот 23 од Уставот се нагласува дека „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции'“.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека и во СДСМ воопшто немаат забелешки за личноста и професионализмот на Драган Ковачки, туку само посочиле на парцијален дел од Уставот.
Изборот на техничката Влада мора да заврши до трети јануари.
