Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе почне ли конечно судењето за случајот Тврдина 2?

Ќе почне ли конечно судењето за случајот Тврдина 2?

Во Кривичниот суд денеска треба да почне судскиот процес  за случајот со фалсификување и уништување на документацијата во Управата за безбедност и контраразузнавање поврзана со двата системи за незаконско следење на комуникациите. 

Во овој случај, познат како Тврдина 2, обвинети се поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во УБК. Тие се товарат дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите. Според Специјалното јавно обвинителство, кое за овој случај подготви обвинение по скратена постапка, обвинетите се товарат за незаконско уништување на документација која била потребна во истрагата за откривање на начинот на кој Управата за безбедност и контраразузнавање вршела прислушување.

Трета среќа за СЈО

Првиот обид за почнување на судењето беше на 28 ноември минатата година. Како причина за одложувањето  беше наведено дека СЈО немало дозвола од Управата за безбедност и контраразузнавање да ги употребува класифицираните докази во судска постапка. Судијката Лидија Петровска тогаш побара од СЈО да обезбеди дозвола од УБК за декласифицирање на класифицираните докази за да може да почне судењето.

Вториот неуспешен обид беше на 18 јануари, кога Судот му наложи на Специјалното јавно обвинителство да се обрати до Дирекцијата за заштита на класифицирани податоци и до МВР за дообјаснување околу барањето за судска употреба на доказите кои се сметаат за класифицирани информации.

Последното рочиште за случајот, кое беше закажано за 13 март, се одложи поради боледување на судијката што ја води постапката.

Во меѓувреме Специјалното обвинителство успеало да добие решение за декласификација на голем дел од доказите. Дали сега се исполнети сите услови за почеток на судењето, последниот збор го има судијката Лидија Петровска, која се споменува во „бомбите“ објавени од страна на опозицијата, поради што СЈО побара нејзино изземање од овој случај. Но, таа сепак останува да го води овој судски процес зошто Апелациониот суд ја одби жалбата на СЈО со образложение дека нема околности што предизвикуваат сомневање за непристрасност од страна на судијката Лидија Петровска.

Инаку, поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Грујовски, е првоосомничен и во случајот „Тврдина“ за уништување на системите за прислушување.

Ј.М.


Слично

Поврзани вести