Ќе побара ли Мицкоски амнестија и од Кичево?
По месец и пол дена лидерски средби и собраниски превирања околу референдумот, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со организацијата на протестни маршови низ Македонија.
Во недела (02 септември) во Кичево со почеток од 13 часот, ВМРО – ДПМНЕ организира протестен марш. Како и што најави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, тие ќе продолжат со протестите шрум земјата, а овој во Кичево е следен на агендата закажан за овој викенд.
Акцијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Лето за Македонија“ во која веќе се посетени околу 50-тина илјади домаќинства, продолжува и во наредниот месец.
На протестните маршови во Кавадарци и Струмица во прва половина од јули Мицкоски побара амнестија за ланските настани на 27 април. Во меѓувреме започна судењето за „крвавиот четврток“ со 33 обвинети. Претходно, партијата протестираше и во Битола во јуни кога беше постигнат договорот од Преспа. Во меѓувреме на лидерските средби СДСМ на Мицкоски јасно му даде до знаење дека нема да има амнестија за упадот во Собранието и тепањето на пратениците предводени од Зоран Заев по изгласувањето на Талат Џафери за спикер на парламентарниот дом.Ставот на ВМРО-ДПМНЕ околу референдумот на 30 септември се уште не е објавен и постојано се одложува изјаснувањето на најголемата опозициска партија. Последната најава е дека тој можеби ќе биде соопштен на 10 септември.
