Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе падне ли „Зелен договор“ во Македонија за одржлива и праведна иднина?

Ќе падне ли „Зелен договор“ во Македонија за одржлива и праведна иднина?

Граѓански активисти ја поведоа иницијативата за создавање на „Коалиција на иднината“ чија главна цел ќе биде оформување на нов „Зелен договор“, за Македонија да се приклучи на светските движења за целосна трансформација на енергијата која повеќе нема да зависи од фосилните горива. Во таа насока потребно е итно да се преземат конкретни чекори за спречување на последиците од климатската криза, повикуваат активистите.

Иницијалната каписла за „Зелен договор“ ја поставија активистите од YFoE Macedonia, а во почетните фази се приклучија голем број на здруженија, организации, експерти и иницијативи.

Зелениот договор треба да создаде услови за праведна транзиција откако ќе се напушти употребата на јаглен за електрична енергија, како и нафта и гас за гориво.

Водени од постулатите на Европскиот Зелен договор кој предвидува до 2050 година ЕУ целосно да биде климатски-неутрален континент, македонските активисти имаат амбиција да создадат платформа која ќе овозможи подобра климатска, еколошка и социо-економска иднина.

Во овој договор преку колективно дејствување за системска трансформација треба да се загарантираат основните човекови права, да се децентрализира енергијата, да биде целосно произведена од обновливи извори, да се гарантира квалитетно и сеопфатно образование, институциите да се реформираат во служба на граѓаните и заедничките потреби, да се постават основите за циркуларна, одржлива и зелена економија, како и намалување на енергетската сиромаштија и зголемување на енергетската ефикасност.

Зелениот договор ќе опфати социјална правда, родова еднаквост и загарантирана здравствена заштита.

Климатската криза се заканува со зачестени и екстремни временски непогоди и катастрофи, намалување на количината на врнежи и протокот на вода, раст на шумските пожари и долги периоди на суша, поројни дождови кои ќе предизвикаат тешки поплави, недостиг на природни ресурси, како и големи безбедносни и мигрантски кризи како директен резултат на природните нарушувања.

Според научните истражувања на IPCC на планетата и преостануваат уште 10 години за да го спречи неповратниот процес на опасно зголемување на температурите предизвикано од емисиите на јаглероден диоксид и стакленички гасови, што значи дека итно мора да се преземат мерки декарбонизација и намалување на употребата на фосилните горива. 

Х.С. 

Слично

Поврзани вести