Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе остане ли Скопје вмровски град?

Ќе остане ли Скопје вмровски град?

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, без трошка самокритичност даде отчет пред јавноста што сработил за време на својот четиригодишен мандат. Се пофали дека работел транспарентно, напорно и посветено и реализирал стотици проекти кои го подобриле и го направиле Скопје поубаво место за живеење.

Трајановски како успеси ги наброи проширените булевари, реконструкции на училишта, подобрен градски превоз, квалитетни културни и спортски манифестации, водоснабдување, јавна хигиена, велосипедски патеки.

Но, кога почнаа новинарите да му поставуваат прашања за она што тој случајно или намерно се обиде да го изостави во неговиот отчет, скопскиот градоначалник им поставуваше контра прашања.

„Дали се каете што изградивте барокно Скопје“? - беше едно од прашањата до Трајановски, на што тој му постави прашање на новинарот. „Вас како ви се допаѓа. Еве вие сте новинар многу знаете, па еве како на Вас ви се допаѓа?“

Или пак за оправданоста на градската плажа „Камени мост“, Трајановски му се обрати на новинарот со зборовите: „Плажата профункционира, ако не сте биле тоа е ваш проблем. Има милион луѓе кои биле на таа плажа и уживале во неа. Тоа што сега се прави многу поголем, позначаен, државен проект во Панорамското тркало, е позначаен од плажата и ние планираме, делот од плажата кој нема да биде зафатен од мостот, пак да ја ставиме во функција“, изјави Трајановски.

Коце Трајановски, како градоначалник на Скопје, е одговорен за барокнизацијата на дел од градот, бидејќи многу проекти се спроведуваад и финансираат од градската каса. Само пред неколку дена Градот Скопје издвои уште 50.000 евра за непредвидени работи за изградба на плоштадот ВМРО, во дворот на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Една од најголемите катастрофи која се случи во време на владеењето на Коце Трајановски е ланската поплава која одзеде 22 жртви. Одговорноста ја префрли на природата и „водената бомба“ што била фрлена врз Скопје.

Скопје вмровски град

Коце Трајановски на чело на Скопје е веќе 8 години. Првиот пат беше избран на изборите во 2009 година, а во 2013 повторно ја доби довербата од скопјани. За овие осум години од владеењето на Трајановскипостојано беше критикуван од СДСМ од каде го нарекуваа „извршител на Никола Груевски“, и му порачуваа дека на скопјани има должи само едно нешто, оставка од функцијата.

„За Коце Трајановски поважно беше да ги слуша наредбите на Никола Груевски и да ги троши парите на граѓаните за криминални тендери, за раскош и луксуз, споменици, фонтани, барокни фасади, златни огради, панорамски тркала, луксузна резиденција, жални врби. Коце треба веднаш треба веднаш да поднесе оставка затоа што за него и ВМРО-ДПМНЕ приоритет беше Скопје 2014 “, му порачуваа од СДСМ.

Но, Трајановски не се повлече. Напротив, тој на своја страна ги имаше речиси сите градоначалници на скопските општини кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалниците на Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Аеродром. Првиот човек на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, не е од ВМРО-ДПМНЕ, ама исто како да доаѓа од таа партија, а кон ВМРО-ДПМНЕ се приклони и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Чаир и Сарај се под ингеренции на албанскиот политички фактор и единствено остана најболната точка во градот, што Трајановски не можеше да освои. А, тоа е општината Центар, која од 2013 ја води Андреј Жерновски од ЛДП.

Кој е Коце, таткото на градот?

Коце Трајановски е роден во 1956 година во Скопје. Дипломирал на Машински Факултет во 1980 година. Прво вработување му било во МЗТ Хепос, како раководител на компјутерски центар од 1981 до 1996 година. Во 1998 и 2002 година е избран за пратеник на мнозинската листа на ВМРО ДПМНЕ. Мандатот го прекинува во 2005 година, поради новата функција градоначалник на Општина Гази Баба. Од 2009 година е градоначалник на Скопје и претседател на сите локални самоуправи во РМ - ЗЕЛС.

Во официјалната биографија на Трајановски пишува дека хоби му е кошарка и фудбал, а претходно тренирал и карате.

Дали Коце повторно ќе се кандидира за градоначалник на главниот град, тој вели дека засега е рано да одговори. Одговорот на ова прашање ќе бил познат на 20 септември.

Како можен противкандидат од СДСМ на изборите на 15 октомври досега се спомена само името на пратеникот Петре Шилегов. Но, засега нема официјален кандидат за Скопје од ниту една партија.

Ј.М. 

Слично

Поврзани вести