„Апелот е усогласен со градоначалниците на сите скопски општини кои решија да се откажат од доделувањето дрва од општините за оваа намена, со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот во град Скопје", изјавија од Градот.
Ќе опстане ли бадниковиот оган како традиција?
И овој викенд граѓаните кои се навикнати на мааски дружби ќе организираат бадников оган, иако без поддршка на општините и Македонската православна црква.
Градот Скопје вчера апелира до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено по повод прославата на божиќните празници со цел да се заштити животната средина и амбиенталниот воздух.
Македонската православна црква во последните неколку години не му дава поддршка на бодниковиот оган и му даде карактер на пагански обичај. Ги повикува граѓаните да го одбележат празникот со присуство на литургија.
Црквата останува на повикот кон верниците од пред две години да го почнат процесот на конечно прекинување на оваа традиција меѓу народот која нема верски елементи на празнување. Дополнително МПЦ апелираше до своите верници на овој начин да спречат загадување на воздухот.
- Верниците од секое маало, секоја улица, секоја населба или град кои планираат да организираат коледарски оган, да не го прават тоа, туку да ги донираат дрвата. Исто така, на тој начин ќе покажеме и доволна граѓанска свест во време кога главниот град Скопје, но и другите градови се соочуваат со енормно ниво на загадување – нагласија од МПЦ.
Организаторите на бадниковите огнови велат дека никој не може да го спречи нивното делување затоа што се работи за вековна традиција.
- „И така ретко се гледаме, брз живот, ова што се собираме е традиција еднаш годишно и ја имаме од кога сум бил дете. Оваа година имаме и кутија за донации па средствата што ќе ги собереме ќе ги донираме во општина Центар за социјално загрозените“, вели еден сосед кој го организира собирот пред својата зграда во скопската населба Јане Сандански.
Најпозната маалска дружба се традиционални маџирмаалски средби кои треба да се одржат по 35-ти пат и се избира кум за наредната година.