„ЌЕ ОДГОВАРАТЕ АКО ДО ПОНЕДЕЛНИК НЕ МИ БИДЕ ДАДЕН ЛЕКОТ“: Пехчевски „загрме“ кон властите, од синоќа исплукува крв
Игор Пехчевски од Берово, чија состојба е влошена поради хроничното ретко заболување цистична фиброза, уште еднаш директно се обрати до премиерот Димитар Ковачевски и до министерот за здравство, Фатмир Меџити и побара до понеделник да ја добие долгоочекуваната терапија со лекот трикафта.
-Состојбата ми е влошена. Не е прв пат да исплукувам крв. Синоќа имав многу повеќе, од утрово е малку подобро, нема толку многу крв. Но, ова е последица од оштетувањето на белите дробови заради болеста. Не сум хоспитализиран, дома сум, и примам лекарства кои ми ги препиша матичната лекарка во консултација со пулмолог. Но, навистина веќе не знам што да направам. Лекот ми е итно потребен, како и на останатите пациенти со оваа болест. Веќе е кажано дека трикафта е на детската клиника, но досега јас немам никаков повик од таму, од лекарите, од кого било за да знам дали сум во оваа група сега, изјави Пехчевски за Фактор.
Од Клиниката за детски болести велат дека пациентите ќе почнат да ги повикуваат од понеделник, но од вкупно 55 пациенти над 12 години, лекот сега ќе го добијат 30. Здравствените власти уверуваат дека трикафта ќе има за сите пациенти, но терапијата постепено ќе ја воведуваат.
