Ќе ни се уарни ли со уште една политичка криза и како понатаму?
Во исчекување на конечната разврска со оставката на
Заев, влегуваме во се подлабока политичка криза. Во време кога е потребно итно
справување со економска, здравствена и енергетска криза, Македонија се враќа на
добро познатиот модус вивенди на политички кризи кои ако ништо друго целосно го
одвлекуваат вниманието на општата јавност.
И по Заев, Заев
Оставката на Заев на изборната вечер без јасен договор за политички континуитет на Владата испадна во вакви услови дека е панично и кукавичко постапување. Точните мотиви може да останат и предмет на вечни шпекулации, но ако Заев беше толку добар лидер немаше да остави вакви дупки во системот.
Како да им се услади бранот на потписи за предомислување и плачот на „прогресивното граџанство". Наместо да се бараат решенија за иднината, аналитичарите и симпатизерите на Заев се фрлија во колективна тажачка, проколнување на сите душмани, и враќање на сценаријата од 2014 дека еве каде и да е ќе излезат повторно да буткаат нови режими.
Македонија со децении страда од комплексот на создавање на икони од премиерите и претседателите на државата. Така и сега мораше да се целива иконата на Заев, да се возвишува неговата личност, колку тој бил храбар политичар, колку бил добар во душа и единствен кој ја вадел земјата од живата песок во која сме закопани.
Се додека не разговараме за политиките на лидерите, а не за нивните карактери ќе останеме општество подложно на авторитаризам каде лидерот и неговото возвишување ќе ни бидат главни водилки. Шипки дека некои лекции се научени од Груевизмот.
И овчарот среќен, и сите овци не се на број
Трката по ново или задржување на старото мнозинство веќе наликува на отворена аукција за продажба на говеда. Едните имале 61 грло, а таксале уште три. Другите пак имале 62 грла, а трлото само ќе им се зголемувало.
Мицкоски беше среќен со сликата на која на иста маса седна со повеќето опозициски сили во земјата доволни за рушење на СДСМ, но и на ДУИ од власт. Но, немањето заеднички наратив и искрена политичка агенда од сите партнери, фрла сомнежи дека опозицијата може брзо и едноставно да и стави крај на политичката криза, макар и со распуштање на Собранието и распишување на нови вонредни парламентарни избори.
Засега е неизвесно дали Таравари, Гаши и Хоџа може да гарантираат за сите пратеници од Алијанса, Алтернатива и Беса. Доволно беше да им се фрли во лице присуството на Апасиев иако Левица истакна дека не би партиципирала во нова влада со Мицкоски, туку дека ќе помогне само да падне хибридниот режим на Заев и Ахмети.
Исто така може да се очекува и понатамошно пазарање на пратеници од опозицијата кои би преминале во владините редови. Жива мера пратеник од опозицијата и до неколку директорски места, а зошто да не и министерско. Но, се потешко е да се исполни планот СДСМ да добие нов мандатар кој би ја одржал Владата до 2024 година.
Секое заговарање на експертска или техничка влада со широка коалиција е уште една кардинална грешка која не смее да се дозволи. Видовме какво арно досега ваквите влади ни донесоа.
Затоа решението и за политичката криза и за институционалната мора да се бара во Собранието. Секако, ако власта и опозицијата се доволно зрели да преземат одговорност.
Х.С.