ЌЕ НИ ГИ ЗАТВОРАТ ЛИ ВРАТИТЕ ИЛИ ЌЕ НЕ ПУШТАТ ВО ЗЕМЈИТЕ НА ЕУ- Европа утре ќе има конечен збор
Земјите членки на Европската унија треба до утре да донесат одлука дали ќе ги отворат своите граници за посетители од балканските земји поради растот на заболени од коронавирусот.
Како што пишува Радио Слободна Европа, според прелиминарната листа на земјите за кои кои ќе биде дозволен влез на нивните граѓани во Унијата, во која овој медиум имал увид, само Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина стојат добро, со тоа што БиХ е сè уште на работ, додека Северна Македонија, Албанија и Косово не се вклучени на листата поради влошување на состојбата со заразени од КОВИД-19.
Во насоките на Европската комисија за отворање на границите е наведено дека за таква одлука, епидемиолошката ситуација треба да биде споредлива или подобра од просекот на ЕУ. Според тоа, просекот би требало да биде максимални 16 нови случаи на заразени на 100 илјади жители во последните 14 дена, јавува дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел.
На состанокот биле побарани дополнителни информации од делегациите на ЕУ во земјите од регионот за состојбата во Западен Балкан со новозаболените, податоци за бројот на пациенти на интезивна нега, подготвеноста на земјите за справување со кризата во контекст на бројот на болници, со цел да се олесни процесот на одлучување.
Според прелиминарната листа најдобро стои Црна Гора, по што следува Србија иако се спомнува за раст на бројот на новозаразени, а БиХ е на граница поради статистиката, односно бележи раст од 14,8 новозаразени на 100 илјади жители.
