ЌЕ ИМААТ ПРАВО ДА ОДБИЈАТ ЗАДАЧА АКО ОЦЕНАТ ДЕКА Е НА ШТЕТА НА ПАЦИЕНТОТ: Се спрема законот за медицински сестри и акушерки
По точно четири
години откако за време на неговото министерување Венко Филипче најави дека дејноста
на медицинските сестри ќе се стави во закон, сега веќе е изготвен нацрт-законот
за медицински сестри и акушерки.
Целта на овој закон е да се уредуваат условите на вршење на здравствената дејност на медицинските сестри и акушерките, условите и постапката за стекнувањето на квалификации за вршење на професиите медицинска сестра и акушерка, континуираното стручно усовршување на медицинските сестри и акушерки заради следење и примена на новите сознанија во медицината од областа на вршењето на здравствената и акушерската нега и унапредување на знаењето и практичните вештини на медицинските сестри и акушерките, како и контрола на квалитетот и стручен надзор над работата на медицинските сестри и акушерките.
Целта на донесување на законот за медицински сестри и акушерки е усогласување на нашето законодавство со европското и неговата основна функција ќе биде согласно квалификациите и компетенциите да се добие работно место врз основа на едукацијата, искуството и стажот.
Изминативе години имаше остри реакции во однос на тоа дека голем број лица само со една година вонредно учење се стекнуваа со диплома за средно образование-медицинска сестра или акушерка, што е сосема недоволно за да се даде квалитетна здравствена услуга на пациентите и треба уште подолг период да биде под целосна контрола и да им се помага при извршување на работните задачи. Овој закон има за цел токму тоа да се регулира, а посебен акцент да се стави на степенот на едукација што е детално нагласено во членовите 5 и 6 од законот.
Медицинските сестри и акушерките имаат право и обврска на континуирано и трајно стручно усовршување со цел одржување и подобрување на квалитетот на здравствената нега и потребите на пациентите/поединецот. Континуираното и трајно усвршување подразбира обновување на стекнатите знаења и усвојување на нови знаења, вештини и ставови во согласност со најновите достигнувања и знаења од областа на здравствената, палијативнатаи акушерската нега и се спроведува со учество во стручни семинари, обуки, конференции и други стручни собири. На програмите за континуирано стручно усовршување кои ги пропишува Комората за медицински сестри и акушерки, подлежат подеднакво медицинските сестри и акушерки од јавниот и од приватниот сектор на сите нивоа на здравствена заштита.
Законот исто така пропишува дека медицинската сестра и акушерка има право да одбие работа или задача за кои не е стручно квалификувана, не располага со соодветна опрема и не е во согласност со важечките протоколи и кои, според нејзиното стручно мислење, може да биде штетно за пациентот.
Во случај кога пациентот одбива ординирана постапка или одбива да прими ординирана терапија, медицинската сестра односно акушерка е должна без одлагање, односно веднаш за тоа да го извести одговорниот доктор кој ја ординирал постапката, односно терапијата, а во негово отсуство и најдоцна во рок од еден час од одбивањето на ординираната постапка, односно ординираната терапија одговорниот доктор на смена и писмено да го извести раководителот на внатрешната организациона единица каде што е хоспитализиран пациентот.
За потребата од ваков закон се зборува со години наназад, а според дел од медицинските сестри сега тој се подготвува кога здравствениот систем е пред целосен колапс и кога од Македонија практечно се излеваат илјадници работници токму од овие стручни кадри.
Анита Буховски
