Ќе има ли завршница за вработените од Веибо кои безмилосно останаа на улица?
Помина еден месец откако се затвори производствениот погон за текстил „ Веибо “. 210 вработени од фабриката секој ден на улиците и со протести го бараат своето право да го добијат она што заслужиле.
За овој проблем преку соопштение се огласи сопственикот и управителот на „Веибо“, Мустафа Иршат-Канџа.
- Првичната замисла беше да се отворат производствени погони во слободна економска зона Ранковце, каде би биле вработени над 6.000 лица,а со договорот за откуп на земјиштето се обврзав за вработување на 2.000 лица. Проблемот беше што не можевме да најдеме соодветен кадар, па почнавме да вработуваме и лица без квалификации, што резултираше со мала продуктивност, производи кои не ги задоволуваа стандардите и ненавремена и нецелосна испорака на стоката до нарачувачот, заради што станавме неконкурентни на пазарот, вели Канџа во соопштение.
"Веибо груп" на поранешните вработени им должи три плати, исплата на придонеси за пензиско и здравствено осигурување и прекувремени работни часови.
Канџа додава дека ќе има решение, но какво и кога сѐ уште не се знае.
- По неможноста да обезбедиме соодветен кадар и да го реализираме договорот, се обративме до тогашната влада, барајќи негово ревидирање и ослободување од пенали, но не наидовме на разбирање. По смената на власта со нашиот проблем беше запознаена и новата влада, која, исто така, немаше слух за нашите проблеми и го продолжи односот кој го имаа нивните претходници. Како компанија никогаш не сме го оспориле долгот кој го имаме кон нашите вработени, ниту бегаме од таа обврска, единствено бараме соодветно решение на проблемот и разбирање, како од работниците, така и од властите,се вели во соопштението.
