Ќе има ли разрешување поради песната за Голема Албанија која отиде во етер на јавниот сервис?
Главната уредничка на МТВ2, Мерита Гаши, веројатно ќе биде отстранета од својата позиција, дознава Фокус.
Се очекува дека ова ќе биде епилогот од случајот, откако денеска Програмскиот совет на јавниот сервис го задолжи генералниот директор Марјан Цветковски да покрене дисциплинска постапка преку која ќе се испита и ќе се утврди кој дозволил емитување на контроверзната песна и со тоа ги прекршил законските одредби.
„Постапката треба да покаже кој е одговорен и кој треба да ги сноси последиците, но во исто време посочивме дека е потребно да се зајакнат механизмите за следење на сè што се емитува на МРТ за да не се случуваат вакви и какви било други прекршувања во иднина“, изјави за Фокус Давор Пашоски, претседател на Програмскиот совет.
Девојчето на возраст од 13 години пееше за Голема Албанија, која вклучува и делови од Македонија.