Ќе има ли построги рестриктивни мерки: Комисијата за заразни болести ќе решава на утринскиот состанок
Здравствените
власти веруваат дека мерките кои се на сила, воведени пред извесно време ќе
почнат да даваат резултати. Очекуваат задолжителното носење маски на отворено,
забраната за групирање на повеќе од четири лица во текот на целиот ден, како и
работењето на кафулињата, рестораните и останатите угостителски објекти само до
21 часот да дадат резултати во однос на намалувањето на трансмисијата на
вирусот.
Сепак, како што велат, Комисијата за заразни болести на денешниот редовен состанок, повторно ќе ја анализира епидемиолошката слика и евентуално ќе одлучува дали во Македонија се потребни построги рестриктивни мерки. Министерот за здравство Венко Филипче, во четвртокот изјави дека е потребно време барем од две недели, за да се видат извесни резултати од актуелните мерки. Тој сепак не ја исклучува можноста и за построги рестриктивни мерки.
-Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викеднот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд, изјави министерот Филипче во четвртокот.
Инаку, Ковид-19 не стивнува. Напротив, според епидемиолозите неговата вирулентност сега е поголема и е далеку посилен, бидејќи тој е од групата зимски вируси. Токму затоа, и бројот на новозаразени секојдневно е многу висок, а со тоа редовно се зголемува и потребата за што повеќе хоспитализации.
Во последните 24 часа, како што соопштуваат од Министерството за здравство, во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 37 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 42 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
-Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно24 приеми и тоа четворица пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца пациенти се примени во ковид центарот на Клиниката за Неврологија и 17 болни се хоспитализирани на новото одделение на Клиниката за Гастроентерохепатологија. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 нови приеми на пациенти. На Кожната клиника во ковид центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симтоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 септември има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 38 пациенти, од кои 11 деца и 27 возрасни. Вкупно 410 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември. Од саботата на Интерните клиники почна да функционира и ковид центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија, а се очекува да започне со работа и ковид центарот на Клиниката за Нефрологија. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна подршка, соопштуваат од Министерството за здравство.
А.Б.