Ќе има ли одговорност за песната за Голема Албанија која се емитуваше на јавниот сервис?
МРТ ќе спроведува истрага за емитуваната песна за Голема Албанија, а АВМУ со вонреден надзор утврди уредничка одговорност.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) направи вонреден програмски надзор на музичката програма од „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“, на кој деца од регионот пеат песни на албански јазик, емитувана на 28 март годинава (сабота) во 11 часот на МРТ 2, односно Вториот телевизиски канал на Јавниот радиодифузен сервис.
Надзорот е правен на изведбата на песната „Албански територии (Trojet Shqiptare)“, која предизвика реакции во јавноста, особено поради визуелниот настап на девојчето што ја исполнува композицијата, кое за време на изведбата е облечено во маица, на чија предна страна е прикажана илустрација на картата на т.н. Голема Албанија, која вклучува територии на Албанија, Црна Гора, Македонија, Србија, Косово и Грција.
На задната страна од маицата на девојчето, пак, на албански јазик се испишани зборовите „Еден јазик, еден народ, една крв“.
Надзорот на АВМУ констатира прекршување на посебните забрани од член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Според АВМУ, со изведбата на песната „Албански територии“ (Trojet Shqiptare) се поттикнува и се шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии.
Во извештајот од Агенцијата се наведува и дека овој детски фестивал се одржал во 2023 година, кога и премиерно бил емитуван на програмскиот сервис на МРТ 2.Тоа што програмата е емитувана на јавен сервис со национална покриеност, според АВМУ, дополнително го зголемува нејзиното влијание врз јавноста.
Фактот што спорните кадри и пораки, како што велат од Агенцијата, поминале низ уредничкиот филтер на МРТ 2 без да бидат отстранети, укажува на сериозен и системски пропуст во планирањето и уредувањето на програмата.
„Потсетуваме дека Јавниот радиодифузен сервис има посебна одговорност да не дозволи злоупотреба на програмата за промоција на идеи кои го негираат суверенитетот и територијалниот интегритет на државата и за поттикнување културна, етничка, религиозна, полова, расна, национална или други форми на нетолеранција, како и дека МРТ е должна да обезбеди целосна заштита на малолетните лица во своите програми“, пишува во извештајот за извршениот програмски надзор.
Според АВМУ, при надзорот се применети критериуми од Водичот за мониторинг на говорот на омраза, стандардите од Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права, како случаите „Рој ТВ против Данска„ и „Зана против Турција“.
