Ќе има ли мигранти во Македонија: „Тајмс“ шпекулира, СДСМ реагира, ВМРО-ДПМНЕ негира
Под превезот на „свои извори“, британскиот „Тајмс“ ја објави информацијата, дека Македонија преговара да прима мигранти од Британија. Информацијата отиде и то таму, дека мигранти од Африка и Азија би можеле да бидат испраќани во Македонија како дел од нов план на Лондон за намалување на илегалните преминувања преку Ламанш, а за тоа земјава да добива пари, како и дека тие би имале право да работат во земјава.
Опозициската СДСМ прва остро реагираше на информациите објавени од „Тајмс“, тврдејќи дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски води тајни разговори со Обединетото Кралство за отворање мигрантски кампови на територијата на Македонија.
„Предавникот Мицкоски, кој се колнеше во татковина и викаше дека „шанса нема“ да има кампови, преговара да ја направи Македонија депонија за мигранти. Со ова предавство државата станува отпадна периферија на Европа. Според текстот, разговорите почнале уште во раната есен, во период кога Мицкоски во земјата глумеше патриот и уверуваше дека нема да се отвораат кампови. За секој примен мигрант, Мицкоски и владата ќе добиваат пари од Британија. Тоа значи дека Мицкоски ја продава државата, ја претвора во мигрантски логор за ситни пари. Ова е трговија со суверенитетот, со безбедноста и со иднината на нашите граѓани“, соопштија од СДСМ.
Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ: Велат дека СДСМ „шири невистини и паника“ околу наводното отворање мигрантски кампови во Македонија. Во реакција на денешното соопштение на опозицијата, владејачката партија оцени дека се работи за „измислена криза“ чија цел е создавање страв меѓу граѓаните.
„Да бидеме јасни, заради јавноста: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од “фабриката” на истата партија која пред само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола. Денес, тие истите глумат загрижени патриоти. Што се однесува до навредите за „предавства“, најдобро е СДС да погледне во својот двор. Тоа беше партијата што го направи најголемиот распад на институциите, најголемиот удар врз безбедноста и најголемата загуба на довербата во државата. Македонија не била попонижена од времето кога Заев и неговите соработници шетаа по светот со политики на капитулација и корупциски скандали. Денес, тие истите предавачи делат лекции за „суверенитет“. Ова што го прават е опасно: свесно лажење со цел да се креира страв. А кога политичка партија гради стратегија врз невистини, тоа значи дека нема што друго да понуди“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
