ЌЕ ИМА ЛИ АВТОБУСИ ПО УЛИЦИТЕ: Препукувања наместо решенија
Власта и опозицијата одбраа да се препукуваат преку соопштенија наместо да најдат решенија, како јавниот превоз да продолжи со нормално функционирање.
На само неколку дена пред почетокот на кампањата за локалните избори, „Пуцко Петрол“ одлучи да не испорачува гориво до Јавното сообраќајно претпријатие поради долг, па затоа и почна редуцирање на автобусите на претпријатието.
Иако градот прв реагираше на одлуката да не се испорача гориво, нема објаснување на кој начин од денеска ќе функционира јавниот превоз во Скопје. Неофицијално, прво ќе се прекинуваат најретко користените линии, а ќе се редуцираат и оние во кои има најголеми гужви. Официјален став нема ниту од Градот, ниту пак од ЈСП, каде последната информација за корисниците на јавниот превоз е од пред шест дена.
Но, наместо да понудат начини како скопјани да добијат редовни линии, партиите понудија меѓусебни обвинувања - чија е заслугата што голем број граѓани ќе доцнат на работа или на училиште.
Од СДСМ, прстот го вперија кон ВМРО-ДПМНЕ и нивната кавга со градоначалничката Данела Арсовска.
„ВМРО-ДПМНЕ го остави Скопје без автобуси и создаде хаос во јавниот превоз. Нема ниту М од модерно Скопје. Ги нема ветените 250 нови автобуси кои Мицкоски ги ветуваше пред скопјани а го нема ниту бесплатниот превоз. Само заради тоа што им пропаднаа бизнис зделките со Арсовска. Јасно е ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Скопје, тие се најголемите виновници за катастрофата која што му се случува на ЈСП и на целиот град“, реагираа од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека колапсот на ЈСП се должи на Арсовска, СДСМ и ДУИ.
„1. Данела Арсовска треба да научи дека не може да користи услуги без да ги плати.
2. Пуцко Петрол е дел од ДУИ, со кои таа е во коалиција.
3. Пуцко Петрол е дел од постапка за која беше и во притвор, и тоа говори колку оваа власт сака да расчисти со такви структури. А од притвор го спасија менторите на Арсовска, судиите на СДС и ДУИ.
4. Против Пуцко Петрол има постапка за која тој ќе одговара.Не поминуваат детските досетки на Данела, таа треба да почне да плаќа тоа што троши, а не да фабрикува хаос со нејзините пријатели од ДУИ и СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовска пак, не ја коментираше состојбата со ЈСП. Но, реагирајќи за сметот во градот, напиша: „Четири години со 500 членови сите Управни одбори, Надзорни одбори и Училишни одбори на скопските јавни претпријатија и установи ви ги управуваат ВМРО и ВЛЕН.“
Откако градот соопшти дека нема автобуси поради одлуката на „Пуцко Петрол“ да не достави гориво за ЈСП, компанијата на Асмир Јахоски реагираше дека претпријатието има долг кон нив стар над две години. „Во конкретниот случај воопшто не е ниту спомнат фактот за огромниот долг на ЈСП према нашата компанија кој надминувал и над 10.000.000 евра по фактури стари и над 2 години што е значаен елемент кој заслужува внимание при секое известување на оваа тема“, рекоа од „Пуцко Петрол“. Александар Тодески
