Ќе има истрага зошто Мијалков не бил доведен од Струга на судење
Управата за извршување санкции, под чија надлежност се затворите во Македонија, објави дека ќе прави вонреден надзор во отвореното одделение во Струга за тоа зошто денеска поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков не бил спорведен на рочиште за случајот „Титаник 2“ и со тоа сега делото му е пред опасност од застарување.
„Во врска со постапката за спроведување на Сашо Мијалков од КПД Струга на повторено судење за случајот ,,Титаник 2” ве информираме дека Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба..Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни.За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана“, објави Управата за извршување санкции.
Судиите што го водат процесот наводно се јавиле во затворот во Струга, од каде им одговориле дека не добиле наредба за спровод на обвинетиот Мијалков.
