Ќе има и вонредна програма за пошумување
Ќе се спроведе редовната и вонредната програма за пошумување на опожарените површини.
Владата на денешната 109-та редовна седница ја разгледа и усвои Информацијата за состојбата со шумските пожари на територијата на Република Северна Македонија, со пресек од 2019 до 15 aвгуст 2021 година.
„Врз основа на податоците од информацијата за опожарените површини, а со цел да се санираат штетите согласно редовната и вонредната програма за пошумување на ЈП „Национални шуми“, Владата му препорача на Министерството за финансии да ги разгледа можностите за алоцирање средства во висина до 421, 2 милиони денари согласно проценката за висината на штетата за целосна реализација на програмата за пошумување“, соопштија од Владата.
Дополнително, Владата му препорача на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, во координација со Министерството за финансии, Секретаријатот за европски прашања и ЈП „Национални шуми“, да ги разгледаат можностите за утврдување извори за финансиски средства од фондовите на ЕУ и од програмите за климатски промени на Светска банка за набавка на комплетна современа опрема, вклучително и специјални теренски возила, за справување со пожари и други природни катастрофи во согласност со предвидените реформи на системот за заштита и спасување.
