Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе има договор за стратешко партнерство меѓу Скопје и Загреб

Ќе има договор за стратешко партнерство меѓу Скопје и Загреб

Хрватска останува силен поддржувач на македонскиот европски пат, а наскоро ќе има договор за стратешко партнерство меѓу Скопје и Загреб. 

„Северна Македонија и Хрватска негуваат одлични билатерални односи кои се пример за регионот, а во следниот период се очекува финализирање на договор за стратешко партнерство меѓу двете држави. Хрватска останува силен и принципиелен поддржувач на македонските евроинтеграции“, порачаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман на денешната заедничка прес-конференција.

Шефот на македонската дипломатија информираше дека во моментов се водат разговори за затворање на процесот за создавање стратешко партнерство меѓу двете држави кое ќе опфати повеќе области, меѓу кои економијата, трговијата, безбедноста и енергетиката. 

Муцунски ја посочи Хрватска како „ментор во евроинтегративниот процес“ на државава, нагласувајќи ја нејзината политичка поддршка, но и техничката помош.

Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.

Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.

„Ние го немаме луксузот да кажеме дека престануваме со патот кон ЕУ во било кој момент. Напротив, мораме фокусирано да работиме на домашната агенда. Испорачуваме резултати, што е посебно видливо по однос на реформската агенда во последните неколку месеци“, истакна Муцунски.

Осврнувајќи се на предизвикот со Бугарија, потенцираше дека државата има принципиелна позиција, но е неопходен активен дијалог со Софија. Тој информираше дека веќе остварил телефонски разговор со новата бугарска министерка за надворешни работи од техничката влада и најави средба во прва прилика. Сепак, укажа на потребата од максимална внимателност поради предизборниот период во Бугарија, со цел земјава да не стане дел од нивниот изборен наратив.

Хрватскиот министер Грлиќ Радман изјави дека Северна Македонија е подготвена и заслужува членство во ЕУ многу брзо, додавајќи дека отворањето на преговорите ќе претставува важен позитивен и афирмативен моментум за македонските граѓани.

фото Фејсбук/Тимчо Муцунски

Слично

Поврзани вести